Посета на ООУ „Славејко Арсов“ Штип и презентација на реформи во основното образование |
Четврток, 15 Февруари 2018 16:16 | |||
Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, заедно со министерката за образование и наука, Рената Тренеска Дескоска, беа во посета на ООУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби во Штип, каде, меѓу другото, извршија и увид на новата училишна спортска сала. Подоцна, градоначалникот Бочварски и министерката Тренеска Дескоска присуствуваа на презентација на реформите во основното образование, на којашто учествуваа директори на основни училишта и одделенски наставници од Општина Штип и регионот. На презентацијата се зборуваше за клучните промени предвидени во наставата од прво до трето одделение. На почетокот од презентацијата се обрати и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, којшто истакна дека е особена чест и задоволство да се организира ваква презентација токму во Штип, градот на првата учителска школа, град од кој секогаш започнуваат промените. „Децата се основна клетка на општеството. Целта за која сите се бориме е да имаме подобро општество и посветла иднина. Во таа насока, образованието е суштествено важно, а нашиот однос кон учениците ги креира нивните работни навики и ги насочува нивните афинитети. Учениците не треба да бидат само пасивни приматели на информации, краткорочно меморирани, а за кратко време заборавени. Тие треба да бидат активни учесници во промените, со целосна поддршка и поттик од наставниците за развој на креативноста и да бидат авангарда на промените,“ истакна градоначалникот Бочварски. „Основното образование треба да биде мост помеѓу училиштето и семејството, партнерски однос и кооперативност помеѓу наставниците и учениците. Треба да се овозможи развој на личноста која е подготвена да превземе граѓанска одговорност, развивање на индивидуалните потреби и афинитети, култура на живеење, развој на независна, отворена, критичка и демократска личност, подготвена за акција и нови предизвици. Основното образование и воспитание треба да го почитува индивидуалниот развој низ целокупниот воспитно-образовен процес, да ја поттикнува самодовербата, да ја развива самопочитта и почитта кон другите, да ја промовира интелектуалната слобода и толеранција. Потребно е да се развива и воспитната компонента, која во изминатиов период беше малку подзаборавена. Основното образование и воспитание, покрај следењето на современите тенденции, се темели и на богатството и разновидноста на културното наследство, на принципите на транспарентност, препознатливост, компатибилност и демократските принципи, кои треба да ја изразат неговата ефективност. Децата треба да учат преку игра, да доаѓаат сами до информации и активно да учествуваат во наставата. Општина Штип е отворена Општина, подготвена за нови предизвици и нови идеи“ рече градоначалникот Бочварски и им посака на присутните успешна и плодна работа.
|