Општина Штип со мерки за спречување на ширење на вирусот COVID-19 |
Monday, 16 March 2020 17:02 | |||
There are no translations available. Во изминатите неколку денови, Општина Штип презеде конкретни мерки за спречување на ширењето на вирусот COVID-19. Имено, спроведовме превентивно миење и дезинфицирање на улиците, контејнерите и јавните простори, како и дезинфекција на градинките и некои основни училишта. Со мерки во оваа насока и согласно препораките на Министерство за здравство, ќе продолжиме и понатаму, а сѐ со цел да се заштити населението на територија на општина Штип од новонастанатата пандемија. Утрово остварив средба со директорката на Центар за јавно здравје, директорот на Клиничка болница Штип и директорката на Здравствен дом. На оваа средба разменивме информации во однос на состојбите во Општина Штип. До овој момент, во Штип нема заразени од вирусот COVID-19. Ние како Општина Штип во соработка со останатите релевантни институции преземаме низа мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Во текот на оваа недела продолжува дезинфекцијата на училиштата. Исто така, беше спроведена дезинфекција на автобусите за градски превоз на текстилните работнички. Од утре ЦЈЗ ќе започне со втора дезинфекција на овие автобуси, како и на сите возила вклучени во такси превозот. Денеска ТППЕ Штип по трет пат деновиве ќе ги дезинфицира улиците и јавните површини со специјален течен концентрат за дезинфекција.
Во рамки на Општина Штип како институција ќе ги спроведеме следните мерки: • Целосно се заштитени вработените во приемното одделение и одделението за администрирање даноци при Општина Штип, за прием и услуги на странки. Своите потреби, информации и прашања граѓаните ќе можат да ги реализираат на следните начини: o Со јавување директно во приемното одделение на броевите 032/226-650, 032/226-655 или 078/472-625 и одделението за администратирање на даноци 032/226-625, секој работен ден од понеделник до петок од 7:30 – 15:30 часот o Преку официјалната веб страна на Општина Штип - www.stip.gov.mk • Службите на Општина Штип се ставени во функција да им излезат во пресрет на сите граѓани, да ги информираат за начинот на достава, начинот на поднесување на барања и слични документи преку горенаведените начини за комуникација. • Се врши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, како и дневните центри согласно препораките од Министерство за здравство и Министерство за образование и наука. • Се забранува организирање на локални настани, јавни собири, културни манифестации, промоции, панаѓури, саеми, спортски настани и слично на локално ниво, сѐ до моментот на изрекување на нови мерки и препораки од страна на Министерство за здравство.
Во работата на Општина Штип важно ни е да ја задржиме транспарентноста на работењето. Во овие моменти, исто така особено важно ни е да го заштитиме здравјето и на новинарите, затоа што преку нивната посветена и професионална работа сите граѓани ги добиваат потребните информации. Затоа, предлагаме мерки за заштита на здравјето на сите новинари. Изјавите на медиуми ќе ги снимаме во мојот кабинет, а ќе им ги испраќаме на новинарите преку соодветни платформи за трансфер на видео записи. Преку постојана комуникација преку е-маил и преку телефон, тие ќе можат да ги поставуваат своите прашања, за на тој начин да се избегне загрозување на нивното здравје.
Општина Штип и јас како градоначалник им излегуваме во пресрет и на сите стари и изнемоштени лица, лица кои поради различни причини имаат потешкотии во движењето или спаѓаат во категоријата на лица во ризик со цел да им се олесни секојдневното функционирање на овие граѓани и тие да не се изложуваат на дополнителна опасност. Општина Штип ќе состави мобилни тимови со следните задолженија: • Помош за набавка на намирници • Препишување на рецепти и подигање на лекови од аптека и нивна достава до живеалиштето. • Плаќање сметки. Протоколот за постапување и реализирање на овие активности ќе биде усогласен со протоколот од ЦЈЗ. Координативниот тим за овие и сите останати активности поврзани со спречување на ширењето на вирусот COVID-19 е составен од: градоначалник на Општина Штип, претставник на Општина Штип, здравствени работници и претставници од ЦЗЈ, претседател на Здружение на пензионерите, претседател на Здружение на инвалидни пензионери, претседател на Здружение на слепи и наглуви лица, Здружение на граѓани „Порака“, Центар за социјални грижи во Штип и др. Во текот на денешниот ден, веќе се пријавуваат волонтери, а исто така и граѓани коишто ги бараат овие услуги. Апелираме граѓаните исклучиво да комуницираат со овластените лица од Општина Штип, за да не настане злоупотреба.
Во овие активности свој придонес ќе имаат и јавните претпријатија.
Од денеска општата бања ќе биде затворена. Инкасаторите чија обврска е да ја читаат состојбата на водомерите се целосно опремени за спречување на ширењето на вирусот.
За секоја потребна информација, ги повикуваме корисниците на услугите на ЈП „Исар“ Штип да се обратат на Дежурно-информативен центар и на социјалните мрежи. Почитувани сограѓани, Пред нас се денови во кои мораме да покажеме сериозност и одговорност во однесувањето. Кон сите наши сограѓани кои се вратиле од патување во која било европска земја или земја која според СЗО е со среден или висок ризик упатувам апел веднаш да се пријават кај соодветните служби и задолжително да се стават во самоизолација во времетраење од 14 дена.
Ова е одговорен начин на кој сите заеднички учествуваме во заштитата на јавното здравје. Кон сите наши сограѓани упатувам апел да ги следат сите препораки на Министерството за здравство, да држат социјална дистанца, да се избегнуваат физички контакти, а кога мора – да се држи задолжителното растојание од минимум 1 метар од други луѓе.
Доколку забележувате дека некои сограѓани се несовесни и не ги почитуваат препораките од Министерство за здравство, пријавете ги во ЦЈЗ, МВР и ДПИ. Драги сограѓани, Се наоѓаме пред сериозен предизвик на кој мораме да одговориме соодветно, правилно и одговорно. Почитувајте ги и придржувајте се на препораките издадени од релевантните институции: Министерство за здравство http://zdravstvo.gov.mk/, Влада на РСМ https://vlada.mk/ и Светската Здравствена Организација https://www.who.int/. Само заедно, сложно и одговорно ќе го победиме вирусот.
|