Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ |
Четврток, 25 Јануари 2018 15:11 | |||
Се наоѓаме во општинскиот мултимедијален центар, за којшто Комисијата за култура при Совет на Општина Штип минатата недела донесе одлука да го носи името на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Оваа одлука ќе биде ставена на гласање пред советниците на Совет на Општина Штип наредната недела, а јас, како иницијатор на ваквиот гест, се надевам дека ќе биде изгласана, со што Штип уште еднаш ќе покаже доблест и пример за тоа како треба да се зачува и одржува споменот на ликот и делото на таткото на нашата нација. Во мултимедијалниот центар што ќе го носи името на нашиот прв претседател ќе отвориме и спомен соба на Киро Глигоров, во којашто ќе бидат изложени книги на претседателот, негови публикации, неговото пијано и останати лични предмети, коишто неговото семејство ги подари на Општина Штип. Нашата институција ја презема одговорноста да води грижа и за предметите коишто некогаш биле во лична сопственост на претседателот Киро Глигоров, но и за зачувувањето од заборав на неговите големи достигнувања и за да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја. Ја користам оваа прилика да ја известам јавноста дека во соработка со Ликовната Академија при Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе обезбедиме реставрација на оштетените бисти на народните херои и нивно лоцирање во парк на великаните. Дополнително, ја информирам јавноста дека веќе се изработува нова спомен-плоча којашто ќе биде поставена кај родната куќа на народниот херој, револуционер и поет Ацо Шопов, на местото на старата, којашто беше уништена од страна на несовесни граѓани. Притоа, апелирам до граѓаните сите заедно да се грижиме и да ја почитуваме нашата историја и култура. Општина Штип ќе преземе поголема грижа за културно-историското наследство, особено за оставштината од најсветлиот период во историјата на македонскиот народ – Народноослободителната борба од 1941 до 1945 година. Тоа е период кога Македонците се приклучија на антифашистичката борба и сами и самосвесно се изборија за слобода и сувереност. Тие нивната војна ја извојуваа, ја добија заради нив, ама и заради нас. Нам ни останува обврската да ја одбраниме и сочуваме нивната оставштина.
|