Јавен повик за доделување финансиска поддршка на проекти на здруженија и фондации од Буџетот на Општина Штип |
Четврток, 01 Март 2018 13:28 | |||
Како што јавноста е веќе запознаена, во буџетот на Општина Штип за 2018 година има ставка за доделување финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации, којашто изнесува 1.200.000 денари. Средствата од буџетот се наменети за поддршка на проекти кои придонесуваат за постигнување на целите утврдени во стратешките документи, програми и планови на Општината. Овие средства се распределуваат врз основа на јавен повик објавен од страна на градоначалникот преку Одделението за ЛЕР за доделување средства на здруженија и фондации, на веб страницата на Општина Штип и во средствата за јавно информирање, а на основа на Методологија за доделување финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации од буџетот на Општина Штип изгласана на седница на Совет на Општина Штип. Јавниот повик се објавува денеска, а планиран термин за реализација на проектите е од први мај до десетти декември во тековната година. Приоритетните области за кои се поттикнуваат пријави се сите области содржани во Стратегијата за Локален економски развој на Општина Штип од 2012 до 2017 година, а тоа се: економија и туризам; инфраструктура; здравство и социјала; образование, култура и спорт; животна средина. Здруженијата или фондациите кои ќе изразат интерес за јавниот повик може да побараат најмалку 50.000 денари, а најмногу 300.000 денари за поддршка на проектот со кој се пријавуваат. Јавниот повик трае 20 дена од денот на објавување на повикот, а пријавата со целокупната документација треба да се достави најдоцна до 20.03.2018 година во архивата на Општина Штип или преку пошта. Сите детални информации во врска со пријавувањето за финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации ги има во јавниот повик, којшто е објавен на официјалната веб страница на Општина Штип на следниот линк http://stip.gov.mk/index.php/mk/oglasi/3387-javen-oglas-zdruzenija-i-fondacii-01032018 . Градоначалникот на Општина Штип и локалната самоуправа ги повикуваат сите заинтересирани здруженија и фондации да се пријавуваат. Овој јавен повик е со цел да се продлабочи соработката со невладиниот сектор и сите општествени чинители вистински да се вклучат во процесот на создавање рамноправно општество коешто нуди можности за сите. Ваквата соработка претставува чекор напред во реализирањето на заложбите на градоначалникот на Општина Штип за институционализирање на соработката, промовирање, поддршка и унапредување на партнерските односи со граѓанскиот сектор.
|