Плачковица |
Во близина на Штип се наоѓа планината Плачковица. Тоа е идеално место за развој на планински туризам. Плачковица го има највисокиот врв Лисец (1754 метри надморска височина), кој е предизвик за многу планинари. Тоа е причина што во градот постои планинарското друштво Лисец, а најчестиот пат за пристап до планината тргнува токму од Штип. Преку планинарскиот дом Вртешка се стигнува на висока позиција до манастирот Свети Ѓорѓи. Планината Плачковица се наоѓа на четириесеттина километри од градот Штип. Таа спаѓа во редот на стари грамадни планини. Составот на теренот најчесто е гранитен со кристални шкрилци и помлади еруптивни карпи. На планината има богата флора и фауна со неколку видови што живеат само на оваа планина. На планината Плачковица се наоѓаат и трите прекрасни кањони: Камник, Козјак и Зрновка во кои се наоѓаат прекрасни природни убавини како реки, водопади, преслапи, високи карпи... За многумина кањонот Камник со својата убавина претставува Колорадо во мало. До сите кањони е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење (маркации, билборди, патокази, сајли, ферети и место за одмор). Од многуте убавини кои ги нуди планината Плачковица се и пештерите кои ги има повеќе, од кои пет се испитани и достапни за посетители. Најголема од нив е Големата пештера, со испитана должина од 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Пештерите: Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали, но богати со пештерски украси и се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки.
|