Изложба „Ана Франк – историја за денес“ во ОМЦ „Киро Глигоров“ Штип |
Понеделник, 19 Февруари 2018 16:17 | |||
Патувачката изложба „Ана Франк – историја за денес“ на триесетина изложбени панели донесува бројни детали од животот на еврејското девојче и нејзиното семејство на крајот на Втората светска војна, но и го актуелизира прашањето за повторната појава на нацистичката идеологија во современиот свет. Изложбата е остварена во склоп на проектот Хисторија, историја, повјест, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Девојчето, во целиот свет препознаено како симбол на детските жртви на холокаустот, е родено во Франкфурт на Мајна во 1929 година. Четири години подоцна со семејството се сели во Амстердам, по што во Германија на сила стапуваат противеврејските закони. Кога и животот во Амстердам станува сè поопасен за Ана и нејзиното семејство, тие се селат во тајното скривалиште каде што Ана во текот на две години пишува дневник. Во август 1944 година е забележан последниот запис во дневникот, а набргу е откриено и скривалиштето во кое се криела со семејството. Петнаесетгодишната Ана умира во логор. Единствениот преживеан член на семејството е Ото Франк, нејзиниот татко, кој го објавил нејзиниот дневник. Посетителите низ изложбата ќе ги водат посебно обучени ученици водичи, волонтери на изложбата. Изложбата „Ана Франк – историја за денес“ е бесплатна и отворена за јавноста од 20.02.2018 г. до 06.03.2018 г., во просториите на Општински Мултимедијален центар „Киро Глигоров“, каде ќе се одржуваат и организирани групни посети за средните и основните училишта. Отворањето на изложбата ќе биде утре, на 20.02.2018 г., во 18:00 часот во Општински Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ Штип. Изложбата можете да ја разгледате секој ден од 10:00 до 15:00 часот. За дополнителни информации и пријава на организирани посети можете да ги контактирате Билјана Казанџиска од Сектор за јавни дејности при Општина Штип и Кирил Панајотов од ОМЦ „Киро Глигоров“ Штип.
|