Новогодишно обраќање на градоначалникот Благој Бочварски |
Вторник, 31 Декември 2019 08:18 | |||
Пред нас е Новата 2020 година – година на нови предизвици и нови успеси на нашиот град. И во 2020 година ќе продолжиме да работиме како отворена Општина на реализирањето на мноштво проекти кои ќе придонесат за дополнително зголемување на квалитетот на живеење во Штип. Досега направивме многу. Само во оваа 2019 година која изминува целосно го комплетиравме капиталниот проект – сосема нова детска градинка во населба Сењак. Во 2019 година, Штип стана првиот град во земјава кој обезбеди места во детските градинки за сите деца. Тоа е значајно достигнување на кое сите му се радуваме и со кое сите се гордееме. Чиста и здрава вода за пиење добија жителите на населба Балканска, што предизвика позитивна промена во секојдневието на овие наши граѓани. Во годинава што изминува започнавме со реализација на повеќедеценискиот штипски сон – изградба на брана на река Отиња. Браната на рeka Отиња ќе даде нова реалност, но и нов квалитет на Штип. За некој ова изгледаше многу недостижно но со макотрпна работа, многу средби, состаноци, носење на храбри и вистински одлуки се изборивме и обезбедување финансиска конструкција за овој објект.
Во Новата 2020 година ќе продолжиме да работиме напорно на подобрување на условите во секоја сфера под локалната самоуправа. Ќе продолжиме со вложување во реконструкција на училиштата, спортските објекти, но и со реконструкција на постоечката инфраструктура, како и пуштање во употреба на мостот на река Брегалница, нови улици, тротоари ,патишта и нова паркинг платформа во централното градско подрачје. Во периодот кој претстои Штип ќе биде гасифициран, ќе добиеме и покриен базен, како и спортско-рекреативен центар Суитлак. Драги сограѓани, Тоа се само дел од проектите за чија реализација ќе се залагам и во иднина. Во Новата 2020 година ви посакувам многу љубов, личен мир, добро здравје и бројни успеси.
Нека почетокот на новата деценија ни донесе многу заеднички успеси, бериќет, среќа и благосостојба на кои сите заедно ќе се радуваме. Нека ни е среќна Новата година!
|