Претставен проектот „Предизвик за млади истражувачи“ во Општина Штип |
Среда, 20 Декември 2017 12:38 | |||
Министерството за образование и наука и Фондот за иновации и технолошки развој распишаа јавен повик за финансирање на научно-истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи“. Овој проект денес во Општина Штип беше претставен на образовните работници од штипските училишта. Поддршката и развојот на креативниот и иновативен потенцијал кај поединецот е суштинска основа за градење на општество базирано на знаење, претприемништво и иновации и за создавање на стабилен и конкурентен економски систем. „Предизвик за млади истражувачи“ има вкупен буџет од 1,5 милиони денари - беше кажано на средбата. Согласно јавниот повик, научно-истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки, а процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати и тие треба да се комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група. За најуспешните истражувачи се предвидени и награди како поттик за понатамошна успешна научна работа. Наградите се поделени во две категории, односно категорија 1: Научно-истражувачки проекти во основното образование и категорија 2: Научно-истражувачки проекти во средното образование. Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300 000,00 (триста илјади) денари. На Јавниот повик можат да се пријават сите основни и средни училишта од Република Македонија, при што секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од: еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини. Секој предлог-проект ќе биде оценуван од Комисијата за оценување и избор, составена од претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, претставник на Министерството за образование и наука, претставник од Бирото за развој на образованието, претставник од партнер организација и до три експерта во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).Пријавувањето на Предизвикот за млади научници трае до 15.02.2018 година.
|