Одбележани 17 години од загинувањето на бранителите Димитар Двојаковски и Влатко Петров |
Четврток, 03 Мај 2018 13:30 | |||
Денеска Општина Штип го одбележа денот на загинувањето на бранителите Димитар Двојаковски и Влатко Петров. Делегација на Општина Штип положи цвеќе на споменикот на бранителите во месноста К’р Теке, а присуствуваа и делегации од Совет на Општина Штип, гарнизонот на АРМ во Штип, политички партии, како и семејствата на загинатите. Свое обраќање имаше претседателот на Совет на Општина Штип, Јане Миланов: „Овде сме за да им оддадеме почит на бранителите, но и за да испратиме порака дека нивната пожртвуваност не била залудна. Овде сме за да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски, зашто тагата треба да се сподели, но и за да им кажеме дека нивните жртви и дела нема да бидат заборавени. На денешен ден, точно пред 17 години во 2001 во воениот конфликт нашите сограѓани Влатко Петров и Димитар Двојаковски го дадоа својот живот за одбрана на нашата татковина. Тие се меѓу првите загинати во воениот конфликт. Војните и меѓусебните немири и раздори се далеку зад нас и нѐ обврзуваат да се сеќаваме на тие немили настани, да се сеќаваме, за да не ги повторуваме, бидејќи секој заслужува мирен и достоинствен живот. Денес, во 21 век, одлика на денешнината треба да биде мирот, сакањето, почитта и соживотот, за тоа се боревме и кон тоа ќе се стремиме. Нашите другари и сограѓани Влатко Петров и Димитар Двојаковски, починаа без да умрат, бидејќи секогаш ќе се сеќаваме на нивниот придонес за нашата држава. Благодарноста кон нивното дело секогаш ќе биде премала во споредба со нивната саможртва втемелена во идината на својата татковина,“ истакна претседателот на Совет на Општина Штип, Миланов.
|