Чествување на празникот Свети Никола |
Недела, 19 Декември 2021 15:52 | |||
По повод чествувањето на празникот Св. Никола 19ти декември, Општина Штип како и секоја година организира свечена академија за доделување на орден и признанија. Познатиот кардиолог и академик, проф. д-р Сашко Кедев, во соборниот храм Св. Никола во Штип беше одликуван со орденот “Свети Никола“ што општината го доделува секоја година на истакнати штипјани, кои дале посебен придонес за развојот на градот и државата. Во своето обраќањето на свечената академија, Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека д-р Кедев е родум од Штип, кој живее, работи и твори во Скопје. Тој е сертифициран европски интервентен кардиолог, како и сертифициран интервентен кардиолог во САД. Македонската јавност го знае и по неговото хоби – алпинизмот. Кедев ги има искачено сите највисоки континетални врвови, а го освои и највисокиот врв во светот, Монт Еверест. Признанијата “19 Декември” им беа доделени на борачот-олимпиец Зоран Шоров, на Зоран Мијалков, граѓански активист за правата на децата со посебни потреби, Александар Ѓеоргиев, како претседател на организацијата “Подај рака, спаси живот”, кој со својата хуманитарна работа изгради домови на повеќе семејства во Штип и околината, на младинскиот активист Дарко Тошиќ и на компанијата “Аџико”, како општествено одговорна компанија.
|